18.8 C
Skopje
среда, 1 октомври 2025

Пафос е дебитант во ЛШ, ама против Баерн покажа нешто со што ги воодушеви гостите

Кипарскиот првак Пафос синоќа го одигра историскиот прв меч на свој терен во лигашката фаза од Лигата на шампионите. На гости кај Пафос дојде најтрофејниот германски клуб Баерн Минхен во рамките од второто коло.

Пафос во првото коло одигра 0:0 на гости кај Олимпијакос и го освои првиот бод, но синоќа едноставно не можеше да му парира на европскиот гигант. Само по 35 минути игра Баерн водеше со 4:0, а на крајот славеше со 5:1.

Покрај високата победа, гостинските навивачи кои допатуваа од Минхен во Пафос имаа дополнителна причина за радост, а тоа е цените на билетите кои ги платија за да го гледаат овој меч.

Најчесто кога Баерн гостува некаде, домаќините драстично ги креваат цените на билетите, посебно за гостинскиот сектор. Често тие билети знаат да достигнат цена од 50 до 100 евра, но во Кипар не беше така.

Челниците на Пафос решија влезниците за гостинскиот сектор каде што беа сместени навивачите на Баерн да чинат само 24 евра, што наиде на позитивно изненадување кај фановите од Минхен, но и благодарност затоа што домаќините решиле да бидат коректни кон нив.

- Оглас -

Најнови вести