Првата голема боксерска битка за 2019 година ќе се одржи викендов во Лас Вегас, 40-годишниот Емануел „Мани“ Пакјао ќе се сретне со Адријан Бронер во дуел за светската тула во ВБА-верзијата во полусредна (велтер) категорија.
Славниот Филипинец е фаворит на хартија, но постар е за 11 години од својот противник, што може да биде проблем за Пакјо ако борбата трае подолго од 7-8 рунди. За него, ова ќе биде 70-та борба во професионалната кариера, откако дебитираше пред 24 години.
„Овој меч е предизвик за мене, бидејќи е прв откако наполнив 40 години. Треба да им покажам на сите дека возраста е само цифра“, рече Пакјао.
Бронер е познат по прекарот „Проблем“. Тој неодамна беше уапсен за сообраќаен прекршок, но верува во победа.
„Видете ги моите последни пет меча. Редовно победувам шампиони. Не ме интересира колку титули има Пакјао, не се плашам од никого, особено не од него. Мислам дека тој се плаши од мене бидејќи направив историја во овој спорт. Ќе го победам, а потоа ќе пиеме по еден пијалок“, рече Бронер.
На трибините во „МГМ Гранд“ ќе биде и Флојд Мејведер, кој можеби ќе реши да му даде шанса за реванш на Пакјао, кого го победи на поени во 2015 година.