Пакт кој ќе ги задоволи двете страни

Звучи по малку чудно и неочекувано да се склучи ваков вид договор во фудбалот, но Барселона и Јувентус на џентлменски начин се договорија околу два трансфера кои треба да се случат ова лето.

Како што известуваат шпанските медиуми, Јувентус наводно нема да преговара со Матајс де Лихт, тие ќе го препуштат на Барселона, а за возврат Каталонците се обврзаа да го продадат Самуел Умтити во Торино.

Шпанскиот првак има намера да ги спои Де Лихт и идното засилување Френки де Јонг, кои се главни адути на Ајакс, додека „старата дама“ посакува квалитетен дефанзивец за да ја зацврсти одбраната. Со овој пакт двете страни би биле задоволни, особено што двата гиганти би потрошиле слични суми за остварување на трансферите, околу 70 милиони евра.

Умтити сезонава пропушти околу пет месеци поради тешката повреда на коленото, а неговата замена Клемен Ленгле во меѓувреме одлично се вклопи во одбраната покрај Пике и засега ја оправдува довербата на тренерот Валверде, така што на Французинот не му е загарантирано местото во стартните 11.

Дали навистина овие прогнози ќе се остварат, ќе треба да се почека до отворањето на летниот фудбалски пазар.

- Оглас -

Најнови вести