Панчев: „Македонија може да ја изненади Данска, не гледам квалитет во младата репрезентација“

Најдобриот македонски фудбалер на дваесеттиот век, Дарко Панчев, во интервју за Флешскор зборуваше за многу фудбалски теми, а неизбежна беше и онаа најактуелната – бараж-дуелот на Македонија против Данска за пласман на Светското првенство во САД, Канада и Мексико.

„Секогаш постои шанса, но играчите мора да веруваат и да се обидат бидејќи немаат што да изгубат. Данска е фаворит и со улогата на фаворит, притисокот е врз неа и може да ѝ биде тешко да ја оправда таа улога. Ние немаме што да изгубиме и, како што беше случајот во Палермо, можеби ќе ги изненадиме и ќе постигнеме позитивен резултат. Најважно е да веруваме во себе, но нема да биде лесно“, вели Панчев во интервјуто за „Флешскор“.

Македонската „Кобра“ при евентуален успех на репрезентацијата, посакува во финалето за противник да ја имаме Ирска.

„Ако случајно, со Божја помош, победиме, мислам дека Ирска би ни била поповолен противник бидејќи сметам дека Чешка игра многу покреативен фудбал. Чесите знаат да создаваат шанси и се поопасни со топката. Ирците се многу попредвидливи со нивните долги топки и скокови и мислам дека против нив можеме да бидеме многу поконкурентни“, додава Панчев.

Легендарниот напаѓач се осврна и на младата репрезентација и на фудбалската иднина на Македонија.

„Искрено, од тоа што го видов од У21 во последните неколку натпревари, не ми дава многу надеж дека ќе изградиме силен млад тим во блиска иднина бидејќи само неколку играчи, како Меметриза Хамза, Матеј Гаштаров, Димитар Данев и Димитар Трајков се издвојуваат. Не гледам многу квалитет кај останатите играчи, па ќе мора да работиме понапорно за да развиеме подобри фудбалери кои ќе бидат доволно добри за да играат за А репрезентацијата во иднина“, вели Дарко Панчев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести