Дарко Панчев е еден од најголемите европски фудбалери кои никогаш не настапиле на Европско првенство. Единствениот Македонец кој освоил Златна копачка на Европа, поради војната и распадот на Југославија, не дочека во 1992 година да заигра на континенталниот шампионат, во чии квалификации беше прв стрелец, а потоа со Македонија не успеа да се пласира на ЕП.
Има многу славни фудбалски имиња кои од разни причини никогаш не играле на ЕП.
Еден од нив е Паоло Роси, јунакот на Светското првенство во 1982 година. На ЕП 1980 не играше бидејќи беше суспендиран за вмешаност во нелегално обложување, а во 1984 не играше за ЕП затоа што Италија не успеа да се квалификува, иако беше актуелен светски првак.
Јари Литманен речиси 25 години играше за Финска, но тимот никогаш не направи толку добра генерација предводена од него за да игра на ЕП. Полската легенда Збигњев Боњек беше член на златната генерација на полскиот фудбал која двапати беше трета на Мундијалите, но во негово време Полска никогаш не играше на ЕП, дебитираше дури во 2008 година.
Познат е случајот и со Џорџ Бест, најдобриот во историјата на Северна Ирска. Тој 13 години играше за својата земја, но на собирите на селекцијата одеше за да се опие, па алкохолот и повредите го спречија да направи повеќе во репрезентативната кариера.
Велшанецот Јан Раш секунди го делеа од настап на ЕП 1984, но антологискиот гол на Љубомир Радановиќ против Бугарија му го уништи сонот бидејќи со тој погодок, Велс извиси, а на првенството замина Југославија. Еузебио ја однесе Португалија до полуфинале на СП во 1966, но во три квалификациски циклуси никогаш не успеа да се пласира на ЕП.
Од Велшаните, немаше среќа ни Рајан Гигс, кој никогаш не се појави на некое големо натпреварување, а годинава требаше да биде селектор, но поради проблемот со семејно насилство, беше суспендиран и Велс сега има друг селектор. Ни Алфредо ди Стефано како натурализиран Шпанец не играл на ЕП, причината беше повреда.