Легендарниот македонски фудбалер Дарко Панчев во интервју за Фудбалската федерација на Македонија зборуваше за состојбите во репрезентацијата, како и за селекторот Милевски и за фудбалот од неговото време и денешниот фудбал.
Најдобриот македонски фудбалер за 20-тиот век смета дека дебаклот во Манчестер и историскиот пораз од Англија од 7:0 е резултат на нарушената атмосфера во соблекувалната, но затоа ремито со Италија на Националната арена „Тодор Проески“ е голем резултат.
„Ремито со Италија не е случајно. Да се одигра реми против Италија по дебаклот во Манчестер е голем резултат. Мислев дека играчите ќе бидат оптоварени од дебаклот и дека би можеле да загубат против Италија, но фудбалерите изненадија позитивно. Во тој период се случуваа некои работи кои не ми се допаднаа, некои играчи си дозволуваа да кажуваат кој треба да биде тренер, а кој да не биде, што не е добро. Мислам дека поразот со пресврт од Украина и седумте „парчиња“ што ги примивме од Англија беа резултат на нарушената атмосфера. Кога некои работи се „исчистија“ по тој натпревар, ги нема тие проблеми, некако сè е помирно“, вели Панчев.
Панчев откри кои фудбалери според него се најзаслужни за успесите на репрезентацијата во последните неколку години.
Македонија против Украина во Скопје, според мене, ги одигра најдобрите 60 минути што ги имала една наша репрезентација. Што се случи после, дали падна концентрацијата, дали е проблемот во формата на нашите играчи, не знам. Незаслужено загубивме. Кога играчите од средниот ред, Адеми, Алиоски, Елмас и Барди, почнаа да играат поактивно, играта на репрезентацијата се крена за 50 отсто“, зборува Панчев меѓу другото во интервјуто за ФФМ.