Црвена ѕвезда вчера прослави 33 години од освојување на титулата европски првак. На стадионот „Свети Никола“ во Бари, српскиот тим на пенали го победи Олимпик Марсеј, а последниот пенал го постигна Дарко Панчев.
Единствениот Македонец кој ја има освоено Златната копачка на Европа доби реплика од дресот со којшто станаа европски прваци, а Панчев беше домаќин на ТВ Црвена ѕвезда.
„Кога го облеков овој преубав дрес, ми се вратија спомените од 1991 година, кога ја покоривме Европа. Добив желба повторно да заиграм, но годините си го прават своето. Морам да признаам дека е многу удобен, а покрај светиот грб на бројот девет на грбот стои и мојот потпис, а има и ознака која покажува дека сум ја освоил Златната копачка“ во 1991 година. Мило ми е што на овој начин се чуваат сеќавањата на нашата генерација“ вели Панчев.
Популарната Кобра вели дека е многу тешко сега некој тим на Црвена ѕвезда да го повтори нивниот успех од Бари. Некогашниот голгетер вели дека младите играчи не треба да брзаат да заминат во странство и дека мора да одигра барем 100-150 меча.
Што се однесува за тоа дали Црвена ѕвезда е дел од секојдневието на Панчев, најдобриот голгетер во Европа од 1991 година немаше дилеми.
„Апсолутно, нема дилеми. Јас секогаш сум кажувал дека Вардар и Црвена ѕвезда се моите два најзначајни клуба. Дека имам две мајки. Едната мајка ми е Македонија, другата мајка ми е Србија. Таму ми било најубаво и тоа не може никој да го промени. Спомените и чувствата ми се поврзани за овие два клуба. Јас сум еден вид репрезент на Црвена ѕвезда во Македонија“, додава Панчев во интервјуто дадено за ТВ Црвена ѕвезда.