Во пресрет на утрешниот натпревар од Лигата на шампионите помеѓу Интер и Црвена ѕвезда, Дарко Панчев, кој играше за овие два клуба, даде интервју за српскиот весник „Спортски журнал“, во кое повтори дека трансферот од Ѕвезда во Интер во 1992 година му бил грешка.
Панчев во тимот од Милано замина како еден од најдобрите напаѓачи во Европа, „Златна копачка“ за 1991, но таму беше ставен во заден план и за три години постигна само три гола на официјални мечеви.
„Секако дека заминувањето во Интер беше грешка, тоа воопшто не е спорно. Не само што Интер имаше неквалитетна екипа, без игра за нас напаѓачите, туку ни клупската атмосфера не беше како што треба. Не дојдов таму како некој млад играч да се докажувам, туку како еден од најбараните во Европа. Релативно брзо се скарав со тренерот, потоа и со управата. Имавме преговори со Барселона на Кројф, ме бараше и Алекс Фергусон во Манчестер јунајтед. Потпишав преддоговор со Милан. И Реал Мадрид беше заинтересиран, претседателот Рамон Мендоза доаѓаше на преговори. Имав избор, но ја изабрав најлошара варијанта. Никој не ми е крив. Одговорноста ја преземам врз себе“, рече Панчев.
Легендата на македонскиот и ексјугословенскиот фудбал прогнозира дека утре Ѕвезда ќе биде во подредена улога во Милано.
„Веројатно ќе бидат инфериорни. Треба да се биде претпазлив, да се игра паметно, да се затвора простор, да се задржува топката. Шансата да се изненади противникот е во контранападите. Тоа е рецептот за на хартија послабите екипи кога се среќаваат со појак“, вели Кобрата.
„Не ги гледам многу мечевите од италијанското првенство, Серија А во последните 15, можеби и повеќе години паѓа во квалитетот. Не е ни меѓу четири најсилни во Европа. Порано италијанските клубови редовно доаѓаа до четвртфинале и полуфинале во ЛШ, сега ги има поретко. До 2000, можеби и до 2005 година, италијанската лига беше убедливо најјака во Европа. Потоа почна да го губи тој статус. Сега кога ја гледам италијанската репрезентација, не познавам ни двајца играчи. Имаат проблем кога се во прашање големи играчи“, анализира Панчев.