Романците ќе мора да играат брзопотезно и планираат откако ќе ја завршат оваа сезона, веднаш без пауза да ја почнат следната.
Вакво сценарио најави Генералниот секретар на Здружението на прволигаши во Романија, Џастин Штефан.
„Како што се одвиваат работите со пандемијата со ковид-19, веројатно ќе мора да се игра фудбал без пауза меѓу оваа и идната сезона. Ние сега размислуваме како да им овозможиме на фудбалерите да имаат барем една недела одмор, но подготвени сме за сценарио да ја завршиме некако оваа сезона и веднаш да ја почнеме следната“, вели Штефан.
Романците одиграа две кола од плејофот за титулата и од плејаутот за испаѓање од Првата лига и мораа да ги прекинат натпреварите поради епидемијата со ковид-19.
Интересно е што токму непосредно пред прекинот на шампионатот, нашиот поранешен и потенцијален репрезентативец Давид Бабунски потпиша за Ботошани, екипа што игра во плејофот и сè уште го чека првиот настап за тимот за кој настапува и Стефан Ашковски.
Македонија има уште еден фудбалер што настапува во Романија, а Марко Симоновски со Волунтари бие битка за опстанок во плејаутот.