Пандев беше фактор кога Арнаутовиќ беше маргиналец на клупа, но заедно го освоија највредниот клупски пехар

Горан Пандев беше еден од клучните фактори во големиот успех на Интер во 2010 година, кога Нераѕурите ја освоија популарната Триплета, осносно пехарите во италијанското првенство, Купот на Италија и во Лигата на шампионите.

Тогаш соиграч му беше Марко Арнаутовиќ, кој беше во споредна улога само со три одиграни натпревари, но сепак и тој ги има почестите како троен освојувач на титули во сезоната 2009/10 со Интер.

На 13 јуни старите пријатели и некогашни соиграчи во триумфалната сезона на Интер, пак ќе се сретнат на терен, но како ривали во премиерниот меч на Македонија и Австрија на Европското првенство.

Пред две години Арнаутовиќ славеше двапати против Пандев откако Австрија во јуни во 2019 година не победи во Скопје со 4:1, а потоа беше подобра истата година во Виена и славеше со 2:1.

„Имаме лошо искуство против Австрија, но верувам во трета среќа. Сакаме да уживаме во историскиот настап на Македонија на големо натпреварување и мислам дека можеме да ја победиме Австрија. Оптимист сум“, вели Пандев.

Популарниот Гоче си дочека во богатата дведецениска кариера конечно како капитен да ја предводи Македонија на големо натпреварување. Историски ќе биде мечот со Австрија на 13 јуни во Букурешт, прв за нас на Европските првенства.

„Знаеме дека на нас не сметаат сериозно. Ние сме дебитанти, но токму таа улога, без посебен притисок и големи очекувања, ни дава одлична позиција да се обидеме да направиме изненадување и да се вратиме со добар резултат од ЕП“, додава Пандев.

 

 

- Оглас -

Најнови вести