Фудбалските ветерани на Македонија со 3:2 победија на гости во Варна против ветераните на Бугарија, во меч на кој резултатот сепак беше во втор план. Дуелот во Варна беше по иницијатива на легендата на бугарскиот фудбалер Христо Стоичков, а целта беше да се соберат средства кои треба да завршат за помош на настраданите во трагедијата во Кочани, која се случи минатиот месец, а загинаа над 60-тина млади луѓе.
По завршување на средбата во Варна, Горан Пандев се заблагодари на одличниот пречек и спроведената иницијатива да се одигра еден ванов меч.
„Најпрво сакам од наше име, од името на цела Македонија, од претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, да ви се заблагодарам на сите за прекрасната организација, за ова денеска што го направивме тука во Варна, благодарение на вас. За нас беше чест да го одиграме овој натпревар со една од најдобрата генерација на бугарскиот фудбал. Се надевам дека и во иднина ќе имаме вакви прилики, па да ни бидат гости во Македонија, едноставно да се оддолжиме на тоа“, рече Пандев.
Некогашниот капитен на македонската репрезентација и човекот кој има освоено титули во Лигата на шампионите и на Светското клупско првенство, знае дека со овој меч не може да се вратат загинатите во кочанската трагедија, но потенцираше дека ова е само една мала помош за настраданите. Пандев уште еднаш се заблагодари и на одличната организација.
„Како што кажа Христо Стоичков, децата од трагедијата во Кочани не можеме да ги вратиме. Тоа што се случи е голема трагедија, не само за Македонија туку за цела Европа, за цел свет. Никојпат повеќе да не се случи вакво нешто. Ние со оваа иницијатива малку сакаме да помогнеме бидејќи спортот е најголем амбасадор. Одигравме добар натпревар, се забавувавме, игравме навистина како браќа. Чест ни беше што бевме гости и се надевам дека оваа иницијатива ќе продолжи“, заврши Пандев.
За тоа како беше дел од атмосферата во Варна, може да видите ТУКА.