Пандев е играчот кој во Серија А му има дадено најмногу голови на Јувентус !

Јувентус ја загуби челната позиција во италијанската Серија А и вечерва е под притисок дека мора да победи против Џенова за повторно да биде лидер по 10 кола во шампионатот. Старата дама е апсолутен фаворит во Торино, но гостите имаат еден голем адут – Горан Пандев.

Капитенот на македонската репрезентација е вистински кошмар за Јувентус. Популарниот Гоче низ годините има дадено дури осум гола во дуелите со Јувентус. Шест погодоци Пандев постигна во Серија А, а има и две асистенции. Покрај головите во првенството, Горан се има израдувано на уште два гола против Јувентус во Купот на Италија.

Ако се гледа статистиката, ниту еден од актуелните фудбалери во Серија А нема постигнато повеќе голови против Јувентус во италијанското првенство. До минатата сезона, пред Пандев беше Мауро Икарди, но Аргентинецот кој има осум гола против Јувентус во првенството, направи трансфер во Пари Сен Жермен, па сега приматот е за Пандев. Најдобриот македонски фудбалер пред неколку дена потврди дека уште знае како се тресат мрежите во Серија А, постигнувајќи гол во дуелот против Бреша.

Интересно е што Пандев даде гол и во последниот меч против Јувентус. Минатата сезона на дуелот одигран на 17 март, Горан влезе како резерва и погоди за потврда на победата на Џенова од 2:0. Пред тој погодок, Пандев против Јувентус во Серија А има погодувано:

ЗА ЛАЦИО

Првенство

1 гол во поразот од 1:2/ сезона 2004/05

2 гола во поразот од 2:3/ сезона 2007/08

Куп

1 гол во победата од 2:1/ сезона 2008/09

ЗА НАПОЛИ

Првенство

2 гола во ремито со резултат 3:3/сезона 2011/12

Суперкуп

1 гол во поразот од 2:4 по продолженијата/сезона 2012/13

 

- Оглас -

Најнови вести