Пандев и Џенова поблиску до опстанок, Елмас со Наполи подобар од Нестор и Удинезе

Џенова со 2-1 славеше против Лече во директниот дуел за опстанок во Серија А. Капитенот на нашата репрезентација, Горан Пандев, од првата минута се најде на теренот на „Луиџи Ферарис“, па иако не придонесе со гол во победата, неговото присуство влијаеше врз исходот на средбата од 34-тото коло.

Санабрија уште во седмата минута донесе предност за домаќините која ја анулираше Манкосу по еден час игра откако претходно утна пенал. Габриел си постигна автогол во 81-вата минута и практично ги подари бодовите на Џенова.

Во последните четири кола Џенова ќе влезе со 33 бода од 17-тата позиција, четири повеќе од денешниот противник Лече.

Елиф Елмас и Илија Несторовски беа на прагот да ги поделат бодовите, меѓутоа Политано со мајсторски погодок во 95-тата минута погоди за конечни 2-1 и триумф на Наполи против Удинезе. Несторовски беше стартер за гостите, Елмас доби шанса во последните десетина минути од мечот на „Сан Паоло“.

Стрелци на головите беа Де Паул во 22-рата минута, по што Наполи мораше да се спасува преку Милик по половина час игра. Во моменти кога се чинеше дека е готово, Политано ги потопи Зебрите во петтата минута од судиското надополнување со одличен гол од далечина.

Во останатите две средби, Фиорентина со 2-0 беше подобра од Торино, Бреша со 2-1 го совлада СПАЛ.

- Оглас -

Најнови вести