Појавувањето на Горан Пандев во дресот на Џенова на стадионот „Сан Сиро“ или „Џузепе Меаца“, предизвикива големо внимание, бидејќи тој е една од легендите на Интер, и член на онаа генерација од 2010 година која стана европски првак.
Приказната за Пандев и Интер е испреплетена уште кога струмичанецот во 2001 година настапи на младинскиот турнир во Виареџо, а зенитот го достигна со трите титули во 2010. Патот до Интер водеше преку Специја, Анкона и Лацио. Со „нероаѕурите“ освои и светско клупско, таму даде гол во финалето, но на љубовта брзо ѝ дојде крај. Горан во 2011 прејде во Наполи, играше и за Галатасарај пред да замине во Џенова.
Сега и со 35 години, Пандев претставува опасност за противниците. Од Интер најавуваат дека мора да се обрати внимание на Горан и на Полјакот Пјонтек. Најавите се дека Пандев ќе влезе во игра во второто полувреме. Тоа ќе биде шанса публиката да му даде аплауз за сè што направи за Интер.