„Имам две желби за оваа сезона: со Џенова да изборам опстанок во Серија А и со Македонија да се пласирам на Европско првенство“. Ова се зборовите кои Горан Пандев ги кажуваше на сите интервјуа пред, и за време на сезонава.
Првата желба веќе му се исполни, Џенова и во следната сезона, најверојатно последна за Пандев во кариерата, ќе игра во Серија А. Сега самодовербата му е зголемена на најдобриот македонски фудбалер, па со многу оптимизам ќе влезе во есенскиот бараж за место на континенталниот шампионат. Настап на ЕП следното лето, прв за Македонија во историјата, би било круна на кариерата на Пандев. Најпрвин ќе треба дома да го победиме Косово, а потоа на гости да се триумфира против Белорусија или Грузија.
Значењето на Пандев за Џенова е огромно, а истото важи и за нашиот национален тим. Тренерот на Џенова, Давиде Никола, се прегрна со Пандев после победата над Верона, и објасни некои работи.
„Пандев, како и Бехрами и Запата, се нашите ‘старци‘, но неверојатно се гладни за успеси. Тие се пример за помладите. Горан ми кажа некои прекрасни зборови, ми се заблагодари, и тоа многу ми е важно. Дали ќе се повлече? Не верувам. Сака да игра“ – изјави Никола.