Горан Пандев утре ќе си исполни еден голем сон и ќе биде првиот капитен на македонска фудбалска А селекција што ќе предводи златна генерација на големо натпреварување.
Од 18 часот утре овде во Букурешт Македонија ќе игра со Австрија, прв меч на големо натпреварување.
„Знаеме што значи за сите нас мечот со Австрија.И за фудбалерите и за селекторот, навивачите, медиумите, сите што навиваат за Македонија. Ќе дадеме се од себе, ќе оставиме и срце на терен за да забележиме добар резултат и да стартуваме успешно на ЕП“, изјави Пандев.
Тој и соиграчите чекаа над еден час да мине невремето во Букурешт,за да можат да го почнат официјалниот тренинг вечерва, пред утрешниот натпревар во Австрија од 18 часот.
„Го прифатив предизвикот на селекторот пред неколку години кога дојде во Џенова и ме убеди да се вратам во националниот тим затоа што не чекаат успешни денови. Секако дека со соиграчите и сега сме подготвени да го прифатиме и овој предизвик. Сакаме да го дадеме максимумот на секој натпревар и да се обидеме да не завршиме со само три меча на шампионатот“ додаде Пандев.
Натпреварот со Австрија ќе се игра на националната арена во Букурешт.