Пандев мајсторе, не си ти за во втора лига!

Горан Пандев се доближува до бројка од 100 гола во Серија А. По вчерашната мајсторија против Удинезе, дојде до 91-виот погодок и тој му беше еден од најубавите кои ги постигнал со неговата послаба десна нога. Кога се зборува за Пандев и фудбалот, кај струмичанецот тешко е да се најдат слаби страни и само привидно десната му е слаба, таа му е добра, за разлика од левата, која е феноменална.

Пандев, кој за три недели ќе наполни 37 години, иако ретко игра по 90 минути, сезонава во дресот на Џенова има дадено 8 гола. Ова му е најефикасна сезона во последната деценија. Осум или повеќе голови даваше само во сезоните во Серија А, кога беше член на Лацио во периодот од 2005 до 2009 година.

Како што за виното се вели дека колку е постаро, толку е подобро, така и нашиот репрезентативен капитен како што одминува времето, така е сè поопасен по противничките мрежи. Џенова се бори за опстанок и вистинска штета би било мајстор како Пандев во следната сезона, негова последна во кариерата, да игра во втора лига.

ЈУВЕНТУС И РЕАЛ МАДРИД СЕ БЛИСКУ ДО ЦЕЛНАТА ЛИНИЈА, БАЕРН ПРЕСИЛЕН ЗА ГЕРМАНСКИТЕ РИВАЛИ

Пандев и Џенова се борат за опстанок, а битката за титулата во Италија се чини дека е завршена. Тешко е да се замисли дека Јувентус на осум кола до крајот, ќе испушти седум бода предност. Старата дама ќе си остане на тронот, ривалите со шампионски амбиции ќе мора да чекаат друга шанса, ако им ја дадат Бјанконерите.

Во Шпанија, Реал Мадрид ја има контролата врз ситуацијата, чекор по чекор, со победи од по 1-0 си го зголемува бодовното конто и на четири кола до крајот има плус четири во однос на Барселона. Каталонците синоќа се разбудија, го уништија Вилјареал, но иако не се предаваат, веќе ништо не зависи од нив, им требаат два кикса на Реал во последните четири кола. Досега никој во Шпанија не испуштил титула ако водел со четири бода на четири кола до крајот. Победите на фаворитите во Шпанија беа за мерак на обложувачите.

Баерн Минхен си лапна двојна круна во Германија. Го добија финалето на Купот, зарем имаше некој што се обложи на Леверкузен? Тоа биле однапред фрлени пари.

ВАР-ТЕХНОЛОГИЈАТА ПОЧНА ДА МЕША ПРСТИ И ВО ФОРМУЛА 1

Викендов почна новата сезона во Формула 1, трката во Австрија беше специфична по тоа што првакот Луис Хамилтон иако мина втор низ целта, на крајот беше само четврти, бидејќи по еден некоректен потег, кој беше виден во повторена снимка, доби казна од пет секунди.

Казната за Хамилтон потсети на фудбалските мечеви на кои по прегледување на снимка со ВАР-технологијата, се влијае врз резултатот и има тимови кои се чувствуваат оштетени, иако не би требало да биде така. Одлуката на стјуардите да го казнат Британецот им преседна на тие што се обложиле дека Хамилтон ќе биде на едно од првите три места на крајот на трката.

- Оглас -

Најнови вести