Во исчекување на фудбалскиот бараж-дуел на Македонија против Данска во Копенхаген и обидот да се стигне до првото учество на Светско првенство, на фејсбук-страницата на Фудбалската репрезентација на Македонија беше постирано интервју со Горан Пандев.
Легендарниот Пандев во интервју за поткастот на ФФМ кое трае речиси 45 минути зборува за многу работи од неговата кариера, а посебно впечатливо беше за тоа колку била лоша ситуацијата во репрезентацијата за време на историското Европско првенство од 2021 година.
„Со таа генерација што ја имавме и без тренер да бевме на клупата, ќе се пласиравме на Европското првенство и мислам дека ќе одигравме и многу подобро. Ние на Европското во Романија бевме репрезентација што едноставно отидовме таму и не треба повеќе да играме. Највиновен за тие катастрофални резултати на ЕП е селекторот. Знаеме кој е одговорен за резултатите во селекциите и во клубовите. Одговараат тренерите и селекторите. Ние одигравме катастрофално Европско, а имавме, според мене, најдобра генерација. Отидовме на Европското првенство како растурена банда и тоа ми е жал што знаев каков квалитет имаме и дека можеме да направиме нешто на ова ЕП. Барем да направевме еден позитивен резултат“, вели Пандев во еден дел од долгото излагање на повеќе теми во поткастот на ФФМ.
Пандев додава дека актуелната генерација на Македонија заслужува и верува дека може да стигне до пласман на Светското првенство кое летово ќе се игра во САД, Канада и Мексико.

