Пандев: Нека заврши Европското првенство, па потоа ќе одлучам

Пред точно 11 години, Горан Пандев со неговиот тогашен клуб Интер се искачи на фудбалскиот трон на Европа. Пандев ја освои Лигата на шампиони и македонското знаме се развиори над највредниот клупски трофеј. По тој успех, Пандев имаше една голема желба, која сега конечно му се оствари, да игра на големо натпреварување со Македонија.

За 22 дена, Пандев како капитен ќе ја предводи Македонија на првиот меч од ЕП против Австрија во Букурешт. Легендарниот голгетер кој има 101 погодок во италијанската Серија А вели дека тоа е остварување на неговиот најголем сон, но сега мора да се размислува и на успех на континенталниот собир.

„Ми се исполни најголемиот сон, со нетрпение го очекувам ова Европско првенство. Тоа е врв на мојата кариера. Направивме еден успех поради кој ќе бидам горд цел живот. Групата е тешка. Најважно е сите да бидеме здрави, да се подготвиме добро. Против Австрија одигравме два меча и имаме негативен биланс. Тоа е цврста, квалитетна репрезентација, но ние ќе одиграме најдобро што знаеме, се надеваме на еден позитивен резултат. Секој учесник на ЕП има квалитет. Дај Боже да тргнеме со победа, секогаш одиме на победа, но не треба да се залетуваме дека можеме да го освоиме Европското првенство. Сепак, секогаш сум оптимист и верувам во позитивен резултат“, вели Пандев во денешното интервју дадено за емисијата „Стадион“ на Радио 77.

Пандев вели дека уште нема одлучено дали по завршување на ЕП ќе ја заврши кариерата, но додаде дека Македонија има квалитетни фудбалери кои треба да го наследат во националниот дрес.

„Физички се чувствувам добро, да помине ова Европско првенство, па потоа ќе размислувам за иднината. Македонија има квалитетни млади играчи кои треба да го понесат товарот на следните мечеви и во следните квалификации. Добро започнавме во квалификациите за Светското првенство, Македонија може да се пласира и на Светско првенство“, вели Пандев, кој додаде дека вечно ќе го памти денот кога станал европски првак со Интер.

 

- Оглас -

Најнови вести