Компанијата Брера презема 90% од фудбалскиот клуб Академија Пандев, но Горан Пандев останува во клубот како претседател и одговорен за младите категории.
Тој во интервју објавено на Фејсбук страницата на Академија Пандев, објасни какви се плановите, потенцираше дека фокусот ќе биде ставен на младинските категории, но нема да биде запоставен и првиот тим. Целта во новата сезона е пласман во средина на табелата.
Пандев најави и доаѓање на тренери од Италија, а бенефитот од целиот проект треба резултати да дава по две-три сезони. Името Академија Пандев останува, со додавка Брера Струмица.
„Конечно се завршија сите процедури околу преземањето на Академија Пандев. Почнува една нова мисија, нов проект кој ќе биде добар не само за струмичкиот фудбал, туку и за македонскиот фудбал. Влегуваат нови луѓе, со нови идеи. Приоритет ни е школата да се развива на повисоко ниво отколку досега. Овој проект својот бенифит ќе го даде по 2-3 години, со макотрпна работа, со стручен штаб од Италија, ќе внесеме нешто ново во македонскиот фудбал. Оваа инвестиција која ја прават луѓето од Италија и САД ќе биде добра за сите“ – вели Пандев.
„Останувам претседател, името си останува. Слушав муабети дека Академија Пандев нема да постои. Клубот се ребрендира. За првиот тим ќе биде задолжен Ацо Стојков. Прво да ги средиме и подигнеме младинските категории, да играме во младинската Лига на шампиони, но и првиот тим не го запоставуваме, целта ни е да бидеме во средина на табелата“ – објаснува Пандев кој посака да бидат изградени уште неколку терени за помасовно присуство.
Пандев се осврна и на последните мечеви на репрезентацијата.
„Ме заболеа резултатите со Украина и Англија. Ги познавам играчите, жал ми е за нив. Некои други работи влијаат на репрезентацијата, фали хемија“ – заклучи човекот кој беше предводник на тимот кој пред две години играше на Европско првенство, а смета и дека клубовите треба да ја водат федерацијата, и дека треба да се има одговорност за слабите резултати.