Марсело Бјелса во 2014 година како тренер на Олимпик Марсеј сакаше да го донесе Горан Пандев, кој тогаш беше член на Лацио, но желбата не му се исполни. Можеби од втор обид ќе му се посреќи.
Според англиските медиуми блиски до клубот Лидс, тренерот на овој тим, контроверзниот Аргентинец Бјелса повторно сака да го донесе Пандев кај себе. Македонскиот репрезентативец, кој има 35 години и е член на Џенова, во јануари би можело да ја смени средината и да му се приклучи на крилото Езџан Алиоски.
Бјелса смета дека искусниот Пандев, кој освојувал важни трофеи, е тоа што му треба на Лидс за влез во Премиер лигата и дека тоа би било одлично засилување на краток рок, за до крајот на сезонава. Договорот на Пандев со Џенова е во своите финални 12 месеци.
Лидс добро ја почна сезонава во Чемпионшип, со 18 бода од 8 меча, но тимот има кратка ротација и тој проблем, како и повредите може да се одразат во вториот дел од сезоната, па затоа решението го бараат во носење играч со победнички менталитет.