Пандев: Македонија е навикната на тешкото и игра најдобро против шампионите

Горан Пандев ќе ѝ недостасува на Македонија утре во Палермо, против Италија, земја каде што игра долго и направи прекрасна кариера, но поранешниот капитен е веќе во пензија кога се работи за настапите за нашата репрезентација.

Простувањето беше на Европското првенство против Холандија на „Амстердам арената“ минатото лето, но Горан, или популарниот „Ил Мачедоно“, секогаш е интересен за италијанските медиуми, особено сега пред баражот меѓу Македонија и Италија, утре во Палермо, од 20.45 часот, за настап на Мундијалот во Катар.

„Ждрепката не нè милуваше и ова е најтешкиот пат за Македонија до настап на Светско првенство. Да се игра против Италија, Португалија или Турција е најтешкиот можен пат до Мундијал, но Македонија веќе се навикна на тешкото и најдобро игра против шампионите.

За мене, иако не играм, ќе биде тежок меч. Македонија е мојата земја, а Италија долго е мојот дом. Играм тука долго време, децата ми се родени тука, а Италија ми даде сè иако Македонија е сè за мене. Воопшто не сакав ваква ждрепка и полуфинале со Италија, но работите не можат да се променат и една репрезентација ќе мора да испадне. Штета е што не игра Елмас, тој е еден од нашите најдобри играчи, ќе беше екстра инспириран против земја во која и тој игра фудбал, но мора да се игра и без него. Италија е фаворит и актуелен европски првак, но Македонија веќе знае да игра против шампионите. Ја победивме Германија и ако не проработи балканскиот менталитет и слабости, можеме да одиграме добар меч со Италија“, изјави Пандев за „Кориере дела сера“.

Мечот ќе се игра утре, на „Ренцо Барбера“ во Палермо, од 20.45 часот, а победникот ќе игра последен бараж-меч за настап на СП во Катар против Португалија или Турција на гостински терен на 29 март.

 

- Оглас -

Најнови вести