Пандев живее за овој меч: Пласман на ЕП ќе донесе огромна радост за сите во Македонија

Капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев мина низ необична авантура со корона-вирусот, но сепак огромната желба да игра за Македонија против Косово пресуди.

Играчот на Џенова пристигна во Македонија и иако не тренираше минатите денови пред да дојде во Скопје, утре ќе го предводи домашниот состав во полуфиналето на патот до Европското првенство што ќе се игра идната година.

„Им благодарам на сите што помогнаа да дојдам во Скопје во вакви услови, со пандемија со Ковид-19. Јас живеам за овој меч, се надевам и на следниот за да се пласираме на Европско првенство. Знаеме што ни носи мечот. Жално е што ќе играме без публика и некомплетни и двете селекции, но за нас најважно е што сме подготвени и секако ќе одиме на победа. Натпреварите за репрезентација и за клуб не се исти. Ова е за мене последна шанса за да играм со Македонија на големо натпреварување. На нашиот народ му треба една ваква радост, а се надевам дека пласман на ЕП ќе донесе огромна радост“, изјави Пандев пред мечот со Косово, утре од 20.45 часот во Скопје.

Победникот од утрешниот натпревар ќе патува за Тбилиси или за Минск на големото финале и дуел со Грузија или Белорусија, по кој ќе биде познат шампионот во Сегментот Д во Лигата на нациите и што е уште поважно, ќе игра на ЕП идната година.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести