Пандовски: „Учеството на Белградскиот маратон беше подготовка за она што следува“ (Фото)

Главниот атлетски настан во изминатиот период на Балканот беше Белградскиот маратон, на кој учествуваа над 14.000 тркачи од целиот свет, а помеѓу нив беа и 252 учесника од Македонија.

Еден од нив беше и Антонио Пандовски, прилепчанец со привремен престој во Скопје, кој под раководство на тренерот Игор Јакимовски неодамна го започна својот атлетски пат.

„Веќе неколку години се занимавам со трчање, но активно започнав кога дојдов во Скопје. Под раководство на тренерот Игор Јакимовски, кој според мене е најдобриот тренер во Македонија за средни и долги патеки, започнав сериозно да се занимавам со атлетика. Учествував на Белградскиот маратон помеѓу 14.000 учесници на полумаратонската делница, но не го постигнав планираниот резултат. Тешката патека и временските услови си го сторија своето“, вели Пандовски.

Антонио Пандовски во следниот период ќе учествува на неколку улични трки низ Македонија, а како што вели, има две замисли кои сака да ги реализира.

„Планот ми е на Скопскиот маратон да ја трчам најтешката атлетска дисциплина, маратонот, за првпат во мојата кариера и се надевам дека ќе успеам. Втората замисла ми е со комбинирано пешачење и трчање да одам во манастирот Острог во Црна Гора во чест на моите родители. Тоа може да биде и хуманитарно и да помогнеме за болни дечиња. Мојата покојна мајка имаше голема желба да го посети ова светилиште, а мојот татко се вика Васил, па ним ќе им ја посветам оваа пешачка тура од Скопје до Острог“, додава Пандовски.

- Оглас -

Најнови вести