Португалија пропушти голема шанса за директно да се пласира на Светското првенство во Катар откако во квалификациите, во последното коло на свој терен загуби од Србија со 0:1 и на тој начин во финишот ја испушти челната позиција во групата. Србите завршија како први, а Португалија како второпласирана сега мора да игра бараж.
Прв ривал на Португалците им е Турција, а мечот се игра в четврток, на „Драгао“, во Порто. Доколку победи против Турција, Португалија во финалето од баражот ќе игра со подобриот од дуелот Италија – Македонија, а само најдобрата селекција од овие четири ќе биде дел од планетарниот собир во Катар.
Португалците имаат големи проблеми пред дуелот со Турција. Искусниот стопер Пепе е позитивен на корона-вирусот, а ќе го нема ниту вториот стопер Рубен Дијаз. Селекторот Фернандо Сантос нема да може да смета ниту на Нелсон Семедо, Ренато Санчез, Рубен Навас и Жоао Кансело.
Сепак, и без овие играчи, Португалија има силен состав, па предводници во дуелот против Турција треба да бидат: Кристијано Роналдо, Жоао Феликс, Рафаел Леао, Бернардо Силва…