Паника во Аргентина, сите тренираат пред големото финале освен Меси

Само два дена пред големото финале на Светското првенство, двете репрезентации што ќе играат за трофејот, Аргентина и Франција, имаат проблеми со повреди, но загриженоста кај навивачите на Гаучосите е поголема бидејќи најголемата ѕвезда Лионел Меси го пропушти вчерашниот тренинг.

Меси не само што не тренираше со соиграчите, туку тој не работеше ниту одвоено од тимот. На теренот се појавија фудбалерите кои не играа против Хрватска во полуфиналето и тие кои имаа мала минутажа, додека остатокот од екипата до крајот на тренингот беше во сала за кревање товар. Но, ниту во едната, ниту во другата група го немаше Меси.

Медиумите и навивачите знаеја дека капитенот на Гаучосите има проблем со бутниот мускул иако го одигра целиот натпревар против Хрватска, но сега ги загрижи неговото отсуство од тренингот.

Ниту селекторот Лионел Скалони, ниту лекарскиот тим на Аргентина не ја откриваат вистинската состојба на Меси, но медиумите од оваа јужноамериканска земја што известуваат од Катар немаат дилеми дека капитенот ќе се појави на теренот на стадионот „Лусаил“ во неделното финале против Франција.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести