Папата Лав XIV планира миса во домот на Реал Мадрид, стадионот „Сантијаго Бернабеу“, а преговорите се во завршна фаза.
Шпанските медиуми објавија дека првиот американски папа ќе ја посети нивната земја на почетокот на јуни. Ватикан веќе работи на финализирање на патувањето. За време на посетата, папата ќе престојува во Мадрид, Барселона, Канарските Острови, Сантијаго де Компостела, Саламанка и Толедо.
Стадионот „Бернабеу“ веќе беше домаќин на слична миса. Таа беше одржана во ноември 1982 година од страна на Јован Павле Втори и предизвика вистинска хистерија. Над 100.000 луѓе се собраа на трибините, а уште 150.000 му аплаудираа на Светиот Отец пред стадионот.
Во Барселона посетата на Лав XIV е планирана како дел од прославите по повод стогодишнината од смртта на Антони Гауди, архитектот на Саграда Фамилија. Еден од настаните ќе биде инаугурацијата на кулата висока 175 метри од недовршената базилика, што е планирано за 10 јуни.

