Парагвај со кампања против Меси: Не смее да се продаваат неговите дресови

Фудбалските репрезентации на Парагвај и Аргентина ќе играат ноќта во четврток кон петок, во јужноамериканските квалификации за пласман на Светското првенство во 2026 година. Аргентина е лидер во квалификациите, а Парагвај е на шестото место и се бори за позиција која носи пласман на завршницата на Мундијалот.

Во пресрет на мечот, Парагвајците одлучија да го забранат продавањето на аргентинскиот дрес со бројот 10 на Лионел Меси. Најавено е дека сите оние кои ќе дојдат со маица или дрес со името на Меси, без разлика дали е тоа клупско или репрезентативно обележје, нема да смее да влезат на стадионот.

Претседателот на Парагвајската фудбалска федерација, Фернандо Виљасбоа, објасни зошто е донесена оваа одлука.

„Никој нема да смее да носи аргентински дресови, ниту какви било дресови од странски клубови и со имиња на странски фудбалери. Ќе ги обоиме трибините на стадионот во боите на Парагвај и ќе им дадеме поддршка на нашите фудбалери каква што заслужуваат. Ќе биде по наше“, рече првиот човек на парагвајскиот фудбал, Виљасбоа, во изјава за тамошното радио Ла Ред.

Ова не е првпат Парагвајците да донесат ваква одлука. Тие веќе имаа забрана за носење дресови на Винисиус јуниор кога пред два месеца играа против Бразил. Тогаш Парагвај победи минимално со 1:0.

- Оглас -

Најнови вести