Парите од продажбата на Челзи и понатаму се „замрзнати“

Парите од продажбата на Челзи остануваат замрзнати во банка во Обединетото Кралство речиси три години по завршувањето на трансакцијата, објави „Атлетик“. Првично беше најавено дека средствата ќе бидат искористени за хуманитарни цели поврзани со руската инвазија врз Украина.

Во 2022 година, Роман Абрамович беше принуден од британската влада да го продаде Челзи. Властите тогаш нагласија дека продажбата на клубот ќе биде одобрена само доколку биде загарантирано дека Абрамович нема да има никаква лична корист од трансакцијата. Во мај 2022 година продажбата беше финализирана, а нови сопственици станаа Clearlake Capital и Тод Боели, кои платија 2,5 милијарди фунти.

Оттогаш овие средства остануваат недопрени. Од Charity Commission – организацијата задолжена за регистрација и контрола на добротворни организации во Англија и Велс – потврдија за „Атлетик“ дека сè уште не добиле барање за формирање фондација која би требало да ги распределува средствата добиени од продажбата на Челзи.

- Оглас -

Најнови вести