Навивачите на ПСЖ си мислат дека клетва е фрлена на нивниот клуб. Како да не е доволно што Нејмар се обидува да направи бродолом, сега Светците мора да се снаоѓаат и без Килијан Мбапе. Светскиот првак ќе паузира најмалку четири недели откако вчера се здоби со повреда на лигаментите на бутот од левата нога.
Французинот во триумфот над Тулуз побара замена по 66 минути, теренот го напушти во придружба не можејќи нормално да се движи.
Мбапе дефинитивно нема да игра во следното коло против Мец, а не ќе може да одговори на репрезентивните обврски во септемврискиот квалификациски циклус. Неговото враќање е најавено кон крајот на септември, најдоцна до првите денови од октомври.
Дотогаш Тухел ќе мора да се снаоѓа без двајцата најскапи фудбалери во тимот, а се чека прогнозата на Единсон Кавани, кој, исто така, вчера се повреди и предвреме го заврши мечот.