Пари Сен Жермен ќе игра против Интер во финалето на фудбалската Лига на шампиони на 31 мај во Минхен откако вечерва на „Паркот на принцовите“ го совлада Арсенал со 2-1 и со вкупни 3-1 оди во финалето.
Во прилог на Светците им оди податокот дека досегашните финалиња кои се играле во овој германски град секогаш ги добивале тимови кои дотогаш немале европска титула. ПСЖ играше финале во 2020 година и го загуби, а ќе има втора прилика да стане втор француски клуб кој ја освоил Лигата на шампионите.
ПСЖ остана единствен тим со шанса за тројна круна. Титулата во Лигата им е обезбедена, остануваат финалињата во ЛШ и Купот на Франција.
Арсенал не успеа да стане третиот тим во историјата на ЛШ кој влегол во финале откако го загубил првиот полуфинален меч на свој терен. Топчиите имаа четири победи по ред на гости, овојпат не успеаја, па ќе се прекине една традиција дека во годините кога умира Папа, европски првак станува тим од Англија.