Партизан со НБА издание во првото полувреме во кое уфрли 68 поени, убедливо го доби четвртиот натпревар од финалето на АБА лигата, и изедначи на 2-2 против вечниот ривал Црвена ѕвезда која водеше со 2-0 после првите два меча.
Екипата на тренерот Жељко Обрадовиќ вечерва триумфираше со 112-84, а победникот беше јасен уште по 20 минути игра. Првото полувреме Црно-белите го добија со 68-43, а во вториот дел само го дотолчија противникот. Повеќе од една деценија не е видено Партизан да постигне толку многу поени против Ѕвезда и толку убедливо да слави против ривалот.
Овојпат трибините во „Александар Николиќ“ не беа полни, поради казната на Партизан. Публика имаше само во првиот ред покрај терен, и во горните делови од трибините, но сите тие му даваа голема поддршка на Партизан кој играше како во транс.
Мајсторката која ќе одлучува за првакот, се игра в понеделник, на 6 јуни, а официјално домаќин ќе биде бранителот на трофејот Црвена ѕвезда, што значи дека на трибините нивните фанови ќе бидат во огромно мнозинство.