Белградските Партизан и Црвена ѕвезда, се двата клуба кои се на врвот на Евролигата според просечната посета на нивните домашни натпревари, но и едните и другите не се најдоа меѓу првите десет на табелата и нема да учествуваат во разигрувањето за титулата.
Партизан е шампион според посетата, Црно-белите дома во просек ги следеле по 19.916 гледачи по натпревар, или вкупно 338.574 гледачи на сите 17 меча сезонава во „Штарк арената“ на кои тимот беше домаќин.
Веднаш зад Партизан е Црвена ѕвезда која во белградската Арена ја гледале просечно по 17.842 гледачи на меч.
На третото место на ова рангирање е Жалгирис со просек од 14.773 гледачи по меч, а и литванскиот клуб остана без место во плејофот или плеј-ин. Во Топ 5 според гледаноста дома се и Панатинаикос (14.767) и Анадолу Ефес (12.324).
Најмал просек на домашните натпревари имаше тимот на Монако кој во просек го следеа 3.990 гледачи, но Монако ја има и најмалата сала во Евролигата.