Навивачите на Партизан и на Манчестер јунајтед во Македонија, со нетрпение го чекаат дуелот на овие два тима во Белград, во рамките на Лига Европа, но проблемот е што ако сакаат да го гледаат мечот, ќе мора да купат билет и за гостувањето на, не баш атрактивната Астана во главниот град на Србија.
Продажбата на билетите за дуелите на Партизан од групната фаза во ЛЕ почнува утре (за оние со сезонски билети кои ќе имаат предност и попуст) и ќе се продаваат исклучиво како комплети, за двата натпревари. Слободната продажба на комплетите стартува од 1 октомври, а еден човек ќе може да купи најмногу четири комплети.
Од Партизан соопштија дека цената на билетите за двата меча ќе биде 4.000 динари за јужната и северната трибина, 6.000 динари за страничните блокови на исток и запад, а 8.000 динари за централните места на источната и западната трибина. Местата во ложата ќе чинат 40.000 динари.
Средбата на Партизан со Јунајтед е закажана за 24 октомври, од 18.55 часот, а Астана во Белград доаѓа на 12 декември.