Европската ракометна федерација (ЕХФ) треба да одлучи кое ќе биде местото каде што ќе играат Партизан и АЕК во реванш мечот од четвртфиналето во ЕХФ Европскиот куп. Дуелот требаше да се игра во Белград, но домашните навивачи на Партизан неколку пати фрлаа димни факели и топовски удари, па гостинските ракометари решија да се повлечат и да не играат во такви услови.
ЕХФ реши дека дуелот треба да се одигра и тоа на неутрален терен, а можно е да се игра и бз публика. Една од опциите за град домаќин на овој меч е и Скопје со оглед на тоа дека Македонија ги дели Србија и Грција.
„ЕХФ во понеделникот одлучи натпреварот да биде преместен на неутрално место, ниту во Србија, ниту во Грција. Точната локација и време ќе бидат објавени во догледно време. Со оглед на загриженоста за безбедноста во недела навечер, ЕХФ размислува да го одигра натпреварот без публика. Без разлика на тоа, ќе бидат поведени правни постапки за проценка на ситуацијата околу неделниот натпревар. На овој начин, ЕХФ ја нагласува својата цел одлуката за спортскиот исход на овој дуел да биде донесена на теренот, а во исто време ја нагласува правната одговорност на двата клуба со оглед на тоа што четвртфиналето не може да се одигра како што првично беше планирано“, стои во соопштението на ЕХФ.