Младиот напаѓач на Партизан, Андреј Костиќ, прави трансфер во Милан, открија српските медиуми. Тој веќе се наоѓа во Италија и, според најавите, утре ќе ги помине задолжителните медицински прегледи, по што ќе стави потпис на договор со Росонерите.
Костиќ подолг период беше на радарот на повеќе европски клубови, но Милан беше најконкретен и успеа да ја добие трката за неговиот потпис.
Планот на италијанскиот гигант е јасен, напаѓачот најпрво ќе биде приклучен кон вториот тим, но се очекува брзо да добие шанса и во составот на Масимилијано Алегри.
Од овој трансфер, Партизан со сите вклучени бонуси ќе инкасира околу 7,5 милиони евра, што е значителна заработка ако се знае дека клубот минатото лето го доведе Костиќ од Будуќност за 900.000 евра.
Костиќ зад себе има солидна сезона со 11 голови на 34 натпревари, а веќе запиша и два настапи за сениорската репрезентација на Црна Гора. Станува збор за класичен централен напаѓач, кој по потреба може да дејствува и по левата страна во офанзивата.

