Партизан на крилјата на феноменталниот Пантер по 10 години се искачи на јадранскиот трон

Екипата на белградскиот Партизан е освојувач на регионалната јадранса АБА-лига откако ја доби мајсторката против Црвена ѕвезда со 96-85, за конечни 3-2 во финалната серија.

Победникот во преполната белградска Арена се насетуваше уште од почетокот на натпреварот бидејќи Партизан имаше вистинско шутерско шоу во кое постигна дури 30 поени во првата четвртина, а потоа уште 24 поени во вториот период за 54-34 на полувремето и речиси неверојатни +20 против најголемиот ривал Црвена ѕвезда.

Сепак, „црвено-белите“ не се откажуваа и со одлична трета четвртина се вратија во натпреварот откако периодот заврши со 34-21 за Црвена ѕвезда, а разликата продолжи да се топи и на стартот од последниот период.

Црвена ѕвезда дојде само на четири поени разлика, но тоа беше сè што направија „црвено-белите“ на овој натпревар и до крајот на мечот екипата на Партизан само стави печат на победата.

Кевин Пантер со 32 поени беше најефикасен на натпреварот, додека најмногу поени во поразената екипа постигна Огњен Добриќ, 18.

Партизан со освојувањето на АБА-лигата си обезбеди сигурно учество во Евролигата за следната сезона, додека Црвена ѕвезда ќе чека вајлд-карта, која многу веројатно и ќе ја добие, со оглед на откажувањето на Гран Канарија и суспензијата на руските клубови.

За екипата на Партизан ова е 7 трофеј од Јадранската лига и сега се искачи на врвот бидејќи до пред оваа сезона беа израмнети со Црвена ѕвезда со по шест трофеи.

- Оглас -

Најнови вести