По историскиот пораз од 0:4 на свој терен од Црвена ѕвезда, екипата на Партизан вечерва се израдува на победа. Црно-белите со 3:1 победија на гостувањето кај Младост Лучани.
Добро започнаа гостите и по неполни 30 минути имаа водство од 2:0. Младост намали на 1:2 пред крајот на првиот дел, а во 57 минута разликата повторно беше два гола, откако Ковач погоди за 3:1, што на крајот се покажа и како конечен резултат.
Речиси два месеци Партизан немаше победа во првенството, односно од 4 август кога со 2:0 го победија Железничар Панчево. За разлика од Партизан, Младост прекина една убава низа од пет победи по ред во домашниот шампионат.
Партизан сега има 14 бодови од осум меча и е на шестото место на табелата, додека Младост остана со 19 бодови што е доволно за третото место на табелата, зад лидерот Црвена ѕвезда (25 бодови) и ОФК Београд кој има 22 бодови.