Кошаркарите на Партизан претрпеа тежок пораз од Олимпијакос со 66-104 во салата „Александар Николиќ“ во натпревар од 22-то коло од Евролигата. Ова е еден од најтешките порази во клупската историја на српскиот кошаркарски гигант.
Црно-белите се наоѓаат во длабока резултатска криза и ниту домашниот терен не им помогна да излезат од кошмарот во кој се наоѓаат. Ова беше нивен седми последовен пораз во елитното натпреварување, а состојбата на трибините, енергијата на теренот и немоќта што тимот ја покажува од коло во коло зборуваат доволно. Партизан сега има скор 6-16, додека Олимпијакос е на 13-8.
Ниту атмосферата во салата не беше на посакуваното нив, имаше многу празни седишта, но навивачите кои дојдоа останаа до крајот на мечот и покрај најубедливиот пораз на домашен терен во историјата на Партизан во Евролигата.
Партизан подобро го отвори натпреварот со поени на Бруно Фернандо, но Олимпијакос брзо направи разлика со три погодени тројки од пет обиди во првите неколку минути. Иако првата четвртина беше релативно израмнета, токму шутот за три поени му донесе мала предност на грчкиот тим (17-20).
Со почетокот на втората четвртина Олимпијакос го засили ритамот. Еван Фурние погоди тројка за тогаш најголеми „плус седум“, а разликата продолжи да расте благодарение на слабата контрола на дефанзивниот скок од страна на Партизан и одличниот шут од дистанца на гостите.
Црно-белите имаа очаен процент за три поени, само една погодена тројка од девет обиди во првото полувреме, додека Олимпијакос шутираше со 50 проценти, што донесе огромни 30-52 на полувреме.
Во вториот дел од играта ништо не се промени. Олимпијакос ја зголемуваше предноста, која надмина и 30 поени, па победникот беше решен уште рано во третиот период.
Саша Везенков одигра извонреден натпревар и беше незапирлив, а му се придружи и Никола Милутинов, додека Партизан целосно потфрли во скок-играта и во организацијата на нападот. Во третата четвртина тимот имаше само две асистенции.
Разликата во еден момент надмина и 40 поени, но навивачите останаа на трибините до последниот звук на сирената.
Двејн Вашингтон беше најефикасен кај Партизан со 28 поени, додека Бруно Фернандо додаде 11. Кај Олимпијакос најмногу се истакна Саша Везенков со 25 поени и седум скокови.

