Фудбалскиот клуб Партизан повторно направи промена на тренерската позиција по убедливиот пораз од Војводина со 3-0 во рамките на српското првенство. По овој неуспех, белградскиот тим значително заостанува зад најголемиот ривал Црвена ѕвезда, која сега има предност од 10 бода на врвот на табелата.
Раководството на Црно-белите се одлучи повторно да му ја довери клупата на Срѓан Благојевиќ, тренерот кој ја започна сезоната со тимот, но беше разрешен пред околу три и пол месеца. Во меѓувреме екипата ја водеа Ненад Стојаковиќ и Дамир Чакар, кој беше на чело на тимот до вчерашниот натпревар.
„На денешната седница на Управниот одбор на Фудбалскиот клуб Партизан беше извршена анализа на резултатите во пролетниот дел од шампионатот. Оценката е дека тие не се на нивото на клубот. Заклучено е дека се неопходни конкретни мерки за надминување на резултатската криза, како и подобрување на професионалниот пристап во работата. Со мнозинство гласови (4-1) донесена е одлука Срѓан Благојевиќ да биде именуван за нов шеф на стручниот штаб“, соопшти клубот од Белград.
Ситуацијата е уште поинтересна ако се има предвид дека по претходната смена Благојевиќ поднесе тужба против клубот, барајќи исплата на договорот до крајот на сезоната. Токму поради тоа не се исклучува можноста неговото враќање на клупата да биде дел и од обид да се реши тој правен спор.

