Кошаркарите на Партизан не дозволија изненадување и на домашен терен го совладаа Анадолу Ефес со 100-90, со што се доближија до евролигашкиот плејин. „Црно-белите“ сега имаат 13 победи, колку што има и Валенсија, која вечерва загуби од Виртус Болоња и во последните осум кола ќе одлучуваат која екипа ќе разигрува за пласман во плејофот.
Натпреварот во Белград започна со израмнета игра, но на првата мини-пауза се замина со предност на гостите од Турција од 17-20. Во продолжение од мечот следуваше комплетна доминација на домашните, кои во последниот период дојдоа и до двоцифрена предност, која брзо се стопи, па кошаркарите на Ефес најавија неизвесна завршница.
Сепак, домашните брзо направија нова предност, а гостите веќе немаа сили да се вратат резултатски, па на крајот победата на домашните беше изразена со двоцифрена разлика.
Аврамовиќ со 30 поени беше најефикасен на мечот, а беше следен од неговиот соиграч Ледеј со 21 поен.