Кошаркарите на Партизан во „Белградска арена“ со 79:66 ја совладаа и на најдобар начин ја завршија сезоната во Евролигата.
Црно-белите за разлика од минатата сезона кога беа најпријатно изненадување и една победа ги делеше од пласман на фајналфор турнирот, сезонава не успеаја да обезбедат пласман во разигрувањето за титулата.
Партизан сезоната ја заврши на 11-тото место со учинок од 16 победи и 18 порази, додека деветтиот Анадолу Ефес кој ќе игра во плеј-ин турнирот има по 17 победи и порази.
Најпрецизен кај Партизан беше Џејмс Нанели со 19 поени. Утеха за Партизан е што втора сезона по ред има најголема посетеност на домашните натпревари. На 17-те дуели кои ги играше во „Белградска арена“, просечно имаше по 19.965 гледачи.
Битката за осмото место ја доби Басконија која како гостин со 91:95 славеше кај Виртус Болоња кој на крајот заврши на десеттото место.
Првите шест екипи, Реал Мадрид, Панатинаикос, Монако, Барселона, Олимпијакос и Фенербахче, обезбедија пласман во плејофот, додека екипите од седмото до десеттото место ќе играат плеј-ин за пласман во плејофот.
Како седми во регуларниот дел од сезоната заврши Макаби Тел Авив кој ќе игра против осмата Басконија, додека деветтиот Анадолу Ефес го очекува дуел со Виртус Болоња.
Победникот од дуелот меѓу седмиот и осмиот тим ќе обезбеди пласман во плејофот, а поразениот ќе добие уште една шанса и ќе игра со подобриот од деветтиот и десеттиот тим. Во плеј-ин турнирот ќе се игра по еден натпревар, по примерот на НБА-лигата.