Српскиот гигант Партизан повторно бара нов тренер откако денеска беше прекината соработката со Ненад Стојаковиќ. Ова е трета тренерска смена кај Црно-белите откако управувањето во клубот го презедоа „Работната група“ и Предраг Мијатовиќ. По заминувањата на Саво Милошевиќ и Срѓан Благојевиќ, сега си оди и Стојаковиќ, кој издржа само шест натпревари како предводник на белградскиот тим, пренесува „Спорт клуб“.
Стојаковиќ беше промовиран од „Телеоптик“ на 22 ноември, по изненадувачката смена на Благојевиќ, а во овој период забележа три победи и два пораза. Иако му беше укажана доверба да го води тимот и на зимските подготовки, нерешениот резултат без голови против Раднички Ниш по првиот меч од вториот дел од сезоната беше пресуден за негова смена.
Делува неверојатно, но Партизан има сменето дури 16 тренери во последните 11 години. И покрај овие тренерски промени, Партизан сезонава е конкурентен и моментално е на второто место на табелата само со бод заостанување зад вечниот ривал Црвена ѕвезда.
Црно-белите во сабота гостуваат кај Радник во Сурдулица, а засега не е познато името на новиот тренер, кој најверојатно ќе ја води екипата до крајот на сезоната.

