Партизан вечерва во Белград го игра реванш-мечот против Санта Клара во плејофот за пласман во групната фаза од Конференциската лига. На првиот меч португалскиот тим победи со 2:1, што значи дека Црно-белите мора да атакуваат на победа.
Од раководството на Партизан упатија апел до навивачите да не прават никакви инциденти затоа што клубот е под посебен надзор од УЕФА.
„Партизан е на чекор од многу остри санкции доколку повторно се случат инциденти. Под закана сме и од потешки санкции од тие да играме без присуство на гледачи“, стои во соопштението на Партизан, а челниците на клубот најмногу замолуваат навивачите да ги почитуваат корона-мерките, да не ги прескокнуваат оградите и да не влегуваат на теренот.
Неодамна, навивачите на Партизан на гостувањето во Нови Пазар го величеа Ратко Младиќ и поради тоа се казнети со четири гостувања без присуство на навивачите на Партизан.