Партизан им се врати на победите, совладувајќи го Монако со 78-76 во драматичен натпревар од десеттото коло на Евролигата, и тоа откако речиси испушти водство од 20 поени разлика.
Тимот на Жељко Обрадовиќ започна одлично, Двејн Вашингтон и Алексеј Покушевски беа најзаслужни за раниот налет и водство од 15-4, со силна одбрана и прецизен напад. Сепак, кога Монако ја запре нивната игра, започнаа проблемите.
Во втората четвртина Дијало и Мајк Џејмс го поведоа францускиот тим, кој со серија од 16-2 стигна до пресврт и водство од 20-17. Партизан потоа се стабилизира, а првото полувреме го заврши со предност 36-32.
Во третата четвртина, и покрај брзо наполнетиот бонус и серијата фаули, Покушевски, Калатес и Браун со тројки ја вратија контролата. Кога Вашингтон погоди уште една тројка, Партизан поведе со 59-43, а публиката во „Арена“ беше во транс.
На почетокот на последната четвртина, по тројката на Бонга, Партизан имаше дури 20 поени предност (74-54). Но, како што често се случува оваа сезона, тимот дозволи голем пад во играта.
Монако со серија од 22-0 направи неверојатен пресврт и поведе со 74-76, предизвикувајќи шок меѓу навивачите. Тогаш Покушевски конечно ја прекина серијата со поени за израмнување (76-76), а потоа, по неспортска грешка врз Бруно Фернандо, Партизан повторно поведе со 78-76.
Во завршницата Немања Недовиќ имаше две шанси за победа на Монако, но не погоди, па радоста му остана на Партизан.
Најдобар кај победниците беше Двејн Вашингтон со 22 поени, а Алексеј Покушевски забележа 17 поени и седум скокови.
Фенербахче го победи Макаби Тел Авив со 84-75, Хапоел Тел Авив убедливо славеше против Басконија со 114-89, Дубаи ја прекина серијата на Црвена ѕвезда со триумф од 102-86.

