Екипата на Металург нема да има многу време за одмор по патувањето од Скопје до Чехов, а пред утрешниот меч со Чеховски медведи од петтото коло во Лигата на шампионите во ракомет.
Ракометарите на тренерот Данило Брестовац денеска рано изутрина со автобус заминаа за Бугарија, од каде што попладнево ќе имаат лет за Москва. На московскиот аеродром „Шереметјево“ тимот треба да ќе слета во раните вечерни часови, а потоа оттаму следува ново патување, малку подолго од 100 километри до Чехов, повторно со автобус.
Лошите конекции придонесуваат просторот за тренинг во салата во Русија да биде стеснет. Средбата се игра утре, со почеток во 15 часот по македонско време. Мечот се игра во спортската сала „Олимпискиј“ во Чехов, објект со капацитет од 3.000 места.
Минатата сезона, Металург ги совлада Чеховски медведи во Чехов со резултат 32:26, но сезонава тимот од Автокоманда уште нема освоено бод во елитното натпреврување.