Поранешната холандска фудбалска ѕвезда, Патрик Клајверт, ќе биде нов селектор на репрезентацијата на Индонезија. Договорот ќе му биде на две години, со опција за продолжување за уште две.
Се најавува дека Клајверт кој веќе се договорил со челниците на индонезиската федерација, в сабота треба да пристигне во таа азиска земја, а в недела на 12-ти јануари ќе биде и официјално промовиран.
Целта на 46-годишниот некогашниот играч на клубови како Ајакс, Барселона, Милан, Њукасл, ПСВ, ќе биде да ја однесе Индонезија на Мундијалот во САД, Канада и Мексико во 2026 година.
Индонезија треба да биде прва или втора во групата во која убедливо прва е Јапонија. Битката за втората позиција ќе ја водат Австралија, Индонезија, Саудиска Арабија, Бахреин и Кина. Австралија во моментов има 7, а сите други по 6 бодови и до крај ќе биде неизвесно. Третиот и четвртиот ќе играат дополнителна нова фаза и баражи за место на СП.