Патуваа повеќе од 24 часа за да ја бодрат Македонија, во Астана се играше и Пајдушко оро (Видео)

Македонија денеска поппладне (16 ч.) гостува во Астана кај Казахстан, во рамките од квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година. Повеќе од 5.000 километри е долго ова патување во земјата која се наоѓа во централна Азија, но има можност да игра со европските селекции во квалификациите како членка на УЕФА.

Ретко кои гостински селекции имаат своја поддршка кога играат на гости кај Казахстан, но македонската Фаланга не еднаш докажала дека секогаш и секаде е за Македонија.

Така ќе биде и денеска. Во Астана веќе два дена е една група од неколку македонски навиивачи кои денеска ќе бидат на трибините на „Астана арена“ и ќе ја бодрат Македонија.

Дејан, Атанаско, Александар, Слаѓан, Драган, Благој и Петре се верните навивачи кои имале вистинско патешествие за да стигнат до Астана. Поголем дел од нив се луѓе кои работат во Англија, а Слаѓан работи во Словенија.

„Од Лондон специјално дојдовме до тука за да ја бодриме Македонија. Беше тешко да се најде конекција до Астана затоа што нема директен лет. Ние прво патувавме до Истанбул, потоа до Алмати, а дури потоа сигнавме во Астана. Целото патување траеше повеќе од 24 часа. Беше напорно, се изморивме, потрошивме многу пари само за да дојдеме тука, но кога е за Македонија, не се жалиме“, вели Александар.

Поголем дел од овие момци се верни фанови на Македонија посебно на фудбалсите и ракометните дуели. Тие вчера дури и ги посетија репрезентативците во хотелот во кои престојуваа.

„Секогаш ја бодриме Македонија. Бевме на европското првенство во Романија, бевме во Белгија, Италија… Секогаш сакаме да ја дадеме нашата поддршка. И на ракометните дуели сме стандардни. Бевме на првествата во Полска, Германија, Австрија… За ова патување само за авионските билети потрошивме по 700 фунти, но веруваме дека на крајот ќе се исплати и дека ќе се радуваме на победа“, оптимист е верниот навивач Дејан.

Нашите фанови се изненадени од гостопримството на луѓето во Астана.

„Се зачудивме дека сите тука знаат каде е Македонија. Кога се возевме во такси, кога ќе застаневме некаде некого да прашаме, дали е тоа некој келнер во ресторан, сите знаеја каде е Македонија. За разлика од западна Европа каде некогаш се чудат каде е тоа, кога ќе кажеме дека доаѓаме од Македонија“, открива Александар.

Интересно е дека македонските навивачи додека биле во еден ресторан добиле чест да бидат пуштени македонски песни, па така во еден момент во ресторанот дури и заиграле и Пајдушко Оро.

- Оглас -

Најнови вести