Ветеранот Пау Гасол го раскина договорот со Сан Антонио и ќе потпише за Милвоки бакс, каде соиграчи ќе му бидат две европски ѕвезди, натурализираниот Шпанец Никола Миротиќ и Гркот со африканско потекло Јанис Адетокумбо.
Оваа сезона му беше трета на Гасол во Спарс. Имаше скромна минутажа од 12,2 минути по меч, во кои 38-годишниот шесткратен ол-стар придонесуваше со 4,2 поени и 4,7 скока по натпревар.
Во новата средина, Гасол треба да донесе плејоф искуство, нешто што им фали на „елените“ кои имаа аспирации да стигнат дури и до големото финале. Гасол со ЛА Лејкерс освои две титули во НБА, и може да биде од полза за Милвоки.
Пау Гасол сезонава погодува 50 отсто од обидите за три поени и може да даде придонес од таа позиција, но веројатно во прво време ќе му биде резерва на Брук Лопес. Неодамна од западната во источната конференција се пресели и брат му Марк, кој од Мемфис прејде во Торонто.