Младата ѕвезда на Барселона, Педри, повторно ја изрази својата надеж дека ќе остане во клубот што е можно подолго. Фудбалерот за врска беше еден од најдобрите играчи на теренот во победата од 3-0 против Брест во Лигата на шампионите заедно со двојниот стрелец Роберт Левандовски.
Иако неговиот тековен договор со каталонскиот тим трае уште неколку години, Барселона веќе започна преговори со агентот на фудбалерот за негово продолжување.
Сѐ укажува на тоа дека желбата на младиот играч исто така е да остане во клубот, а се очекува разговорите да поминат без потешкотии.
„Не знам ништо конкретно, но секогаш сум велел дека овде се чувствувам одлично. Ќе разговарам со мојот агент на оваа тема. Пред мене има уште многу години, но секогаш сум кажувал дека ова е клубот каде што сакам да останам засекогаш. Не знам ништо за средбата меѓу мојот агент и клубот“, изјави Педри по натпреварот со Брест.